
Ура! За “Афтономна Македонија”!- беа зборовите од Крушевскиот манифест кој е своевидното евангелие на македонското револуционерно дело. Тоа е носечкиот код врз кој почива оваа македонска држава и од тогаш до денес, секоја година на свети Илија се празнува овој подвиг, и мене ми е особена чест што и оваа година сум во струшко Ташмаруништа заедно да го одбележиме најсветлиот празник за Република Македонија, порача во денешниот говор лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Меѓу другото, во своето обраќање Мицкоски се извини за грешките на ВМРО-ДПМНЕ од минатото и порача дека во Македонија мора да има правда, како и оти тој нема да се откаже од таа цел. Се обрати и од оние кои изминатиот период бараат одговорност од него за резултатот од изборите на 15-ти јули.
„Денес оние кои се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО. Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки по-јаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО-ДПМНЕ гледам кауза. Јас повеќе не сакам да ги коментирам, верувам во народот и верувам дека народот сосема јасно разбира за што овде се работи и кој за што се бори, кој ја сака и кој работи за Македонија. Ако оваа темнина е тунелот кој го создаде оваа власт, и во кој сака свесно да опстојуваме, јас ќе ви кажам дека има светло на крај од тунелот. А за тоа светло вреди и треба да се бориме“, рече Мицкоски.
Како што рече, живееме во време на неправди, удари, подмолни струи кои треба да не обесхрабрат и да се откажеме. Секој од нас, рече Мицкоски, треба да знае дека овој ден денес го славиме не затоа што илинденците се откажале, туку затоа што се бореле. А борбата за Македонија е вечна, исто како и идеалот за неа.
Додаде дека државата сериозно скршнува од патот на илинденските идеали и дека сето тоа е со намера за да народот биде во апатија и мисли дека сите се исти, а тоа не е така.
Мицкоски порача и дека во Македонија мора да има правда, а не криминал и обвинителство кое го легитимира.