
Безбедносните сили во Бејрут растераа десетици демонстранти кои го изразија својот гнев поради смртоносната експлозија на пристаништето во Бејрут, во која животот го загубија најмалку 149 лица, додека над 5.000 беа повредени, а околу 300.000 останаа без своите домови. Државните медиуми објавија доцна на 6 август дека безбедносните сили користеле солзавец во центарот на Бејрут за да ги растераат демонстрантите откако почнале да фрлаат камења кон безбедносните сили. Некои од демонстрантите биле ранети, соопшти државната Национална новинска агенција.
Демонстрантите го започнаа својот протест за време на вчерашната посета на францускиот претседател Емануел Макрон, за да го искажат својот гнев кон „терористичкото“ раководство во земјата. Луѓето извикуваа „револуција“ и „оставка“. Либанските власти соопштија дека претходно уапсиле 16 лица во истрагата за експлозијата.