
Познатата италијанска актерка и некогашна телевизиска ѕвезда Франка Валери, којашто на 31-ви јули наврши 100 години, почина во неделата во нејзиниот дом во Рим, пренесуваат тамошните медиуми.
Родена во Милано како Франка Марија Норза, детството и младоста ги минала во северната италијанска метропола. Откако во 1938 година во фашистичка Италија се донесени антисемитските „расни закони“, таткото на идната актерка, кој бил Евреин, побегнал со нејзиниот брат во Швајцарија. Девојчето останало во татковината и ја избегнало одмаздата само благодарејќи на познаник на нејзината мајка кој во документите ги променил нејзините податоци.
Уште во раната младост Франка се заинтересирала за театарот и во 1947 година дебитирала на професионалната сцена. Нејзино прво филмско остварување е во1950 година во дебитанскиот филм на прославениот Федерико Фелини „Светлините на вариетето“ , во соработка со Алберто Латуада. Во долгите години работа на филмот и телевизијата Валери работела со многу истакнати режисери, како Едуардо Де Филипо, Марио Моничели, Дино Ризи. Снимаше и со големите ѕвезди на италијанската филмска комедија, Тото и Алберто Сорди.
Во 1960-те години актерката е ангажирана на италијанската телевизија, станувајќи една од најпопуларните водителки на забавните емисии. Во 1970-те години, започнува со пишувањето сценарија за телевизиски серии, во кои подоцна и глумеше, и со оваа активност се занимаваше сѐ до раните 2000-ти години.
Покрај глумата, Валери целата своја кариера била и голем љубител на операта, и како режисер на сцената има поставено над десетина класични опери. Во 2020 година беше наградена со италијанската Национална филмска награда „Давид ди Донатело“ за извонредната кариера во кинемтаграфијата.