Банкарска асоцијација: Ниту една банка освен Еуростандард не е изложена на ризик

Ниту една друга банка, освен Еуростандард банка, не е изложена на ризик којшто може да се одрази на нарушување на нејзината стабилност и солвентност. Банкарскиот систем се одликува со исклучително прудентно работење и отпорност на шокови. Во дадената ситуација  и во рамките на можностите сите банки и штедилници максимално ќе се заложат да одговорат на потребите и барањата на сите физички и правни лица коишто биле клиенти на Еуростандард банка АД Скопје, со цел тие да продолжат непречено да ги користат банкарските услуги и производи, информира преку соопштение Македонската банкарска асоцијација (МБА).

Од Асоцијацијата велат дека утврдените слабости во работењето на Еуростандард банка АД Скопје, за коишто беше известено при соопштување на укинувањето на дозволата за нејзино работење, не ги отсликуваат карактеристиките на банкарскиот систем којшто се одликува со сигурност, стабилност и солвентност.

Показатиелите, додаваат од Македонската банкарска асоцијација укажуваат дека банкарскиот систем е во одлична кондиција, способен да одговори на потребите на населението и компаниите, а таа стабилност се согледува преку тоа што:

– банкарскиот систем располага со високо ниво на ликвидност, при што ликвидната актива покрива близу 60% од депозитите на домаќинствата.

– квалитетот на сопствените средства на банкарскиот систем е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90% се состојат од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на системот.

– солвентноста на системот континуирано е двојно повисока од законскиот минимум од 8%, при што според првичните расположливи податоци со состојба на 30 јуни 2020 година, стапката на адекватност на капиталот изнесува 17%.

ОД Асоцијацијата тврдат дека овие показатели обезбедуваат сигурност на депозитите на населението и правните лица.

– Депозитите во сите банки и штедилници се сигурни, а како и досега банките и штедилниците ќе продолжат со проширување на понудата на депозитни производи, следејќи ги современите трендови и потребите на клиентите – велат од МБА.

Македонската банкарска асоцијација информира и дека во рамките на можностите сите банки и штедилници максимално ќе се заложат да одговорат на потребите и барањата на сите физички и правни лица коишто биле клиенти на Еуростандард банка АД Скопје, со цел тие да продолжат непречено да ги користат банкарските услуги и производи.

– Сите банки и штедилници се на располагање за да обезбедат брза, квалитетна и ефикасна банкарска услуга, како во однос на отворањето сметки, така и за обезбедување производи за штедење или пак доколку е потребно за рефинансирање на обврските по основ на кредитни производи на клиентите на Еуростандард банка – АД Скопје кои редовно ги подмирувале своите кредитни обврски – велат од МБА.

Оттаму додаваат и дека Фондот за осигурување на депозити располага со доволно средства и соодветно ќе започне постапка за обештетување на осигурените депозити.