Откако излегоа информации дека ДУИ и СДСМ договориле влада, сепак преговорите се во ќорсокак и според последните реакции на партиите јасно се гледа дека се заглавени преговорите.
Од СДСМ ја демантираа веста објавена на Канал 5, а пренесена од неколку медиуми, дека е договорен премиер по принципот 3+1.
„Не е точно дека во разговорите помеѓу СДСМ и ДУИ е договорен премиер по принцип како што е објавено, тоа е невистина. Исто така не е точно ниту тоа дека веќе се договорени било какви персонални решенија и поделби на ресори. СДСМ им стои на располагање на медиумите, и очекува во духот на прифесионалното новинарство, за вакви прашања да побараат официјална потврда од партијата, или став, пред да биде објавена. На овој начин се пласираат неточни информации во јавноста, а граѓаните се доведуваат во заблуда. СДСМ навремено ги информира граѓаните и доколку има договор тоа јавно ќе го соопшти“, вели Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ.
Сѐ уште не е постигнат договор меѓу ДУИ и СДСМ за состав на новата влада, се огласија и од партијата на Али Ахмети.
Претходно Канал 5 телевизија објави дека СДСМ со ДУИ се договориле 3 години премиер да биде Зоран Заев, а една година Насер Зибери.
Инаку од денеска тече првиот од дваесетте дена кои Зоран Заев како мандатар ги има на расплогање да собере 61 потпис за да формира влада.
Вчера претседателот Стево Пендаровски му го додели мандатот на претседателот на СДСМ Зоран Заев, откако имал телефонски разговор со него, иако Заев не достави потпис од 61 пратеник.
Со тоа јасно е дека Пендаровски постапи спротивно на членот 80 каде вели дека претседателот е должен да даде мандат на партијата или партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Во моментов ниту една партија и коалиција нема мнозинство во Собранието па оттаму прашањето е на што се должи довербата на Пендаровски дека токму Заев ќе направи влада.