
Кошаркарите на Портланд Трејл Блејзерс го потврдија осмото место во Западната конференција победувајќи ги во првиот меч од разигрувањето Менфис Гризлис со 126:122, и со тоа го изборија настапот во плеј-офот за шампион на НБА лигата каде во првото коло ги чекаат Лос Анџелес Лејкерс.
Мемфис можеше да му го преземе осмото место на Портланд само доколку победеше и во саботниот и во неделниот меч, но играчите на Трејл Блејзерс го избегнаа таквото сценарио и прашањето за пласманот во доигрувањето го решија уште во првиот дуел.
Победникот беш решен во неизвесната завршница кога СиЏеј Меккалам уфрли осум од вкупно 29-те свои коша, а „тројката“ за 122:116 на 20 секунди пред крајот ја погоди Кармело Ентони на асистенција од Демиен Лилард.
Лилард го заврши мечот со 31 кош и 10 асистенции, а еден од најдобрите играчи на Портланд беше босанскиот центар Јусуф Нуркиќ кој постигна 22 поени со дури 21 скок, 6 асистенции и две блокади. Ентони мечот го заврши со 21 кош.
Џа Морант во последниот натпревар сезонава го водеше Мемис со 35 коша и 8 асистенции, доека Јонас Валанчиунас постигна 22 коша, 17 скокови и шест асистенции. По 22 поени постигнаа Дилон Брукс и Брендон Кларк.
Првите четири натпревари од доигрувањето на распоредот се во понеделник 17-ти август, кога сериите до четири победи ќе ги започнат – во заградите се пласманите во конференциите : Денвер Нагетс (3) – Јута Џез (6) и Лос Анџелес Клиперс (2) – Далас Маверикс (7) во Западната конференција, како и Торонто Рапторс (2) – Бруклин Нетс (7) и Бостон Селтикс (3) – Филаделфија 76ерс (6) во Источната конференција.
Во вторник 18-ти август на Западот ќе започнат сериите Лос Анџелес Лејкерс (1) – Портланд Трејл Блејзер (8) о Хјустон Рокитс (4) – Оклахома Сити Тандерс (5), и на Истокот во борбата до четири победи одат Милвоки Бакс (1) – Орландо Меџикс (8) и Индијана Пејсерс (4) – Мајами Хитс (5).