Продолжуваат консултациите меѓу СДСМ и ДУИ за формирање на новата влада

Генералните секретари на СДСМ и на ДУИ викендов ги продолжуваат интензивните консултации и работа за постигнување на коалициски договор за формирање на нова влада со четиригодишен мандат.

Двете партии информираат дека по утврдувањето на коалициските принципи и определби, преговарачките тимови работат на хармонизација на изборните програми на двете партии во предлог програма за работа на евентуалната идна Влада.

Започна и фазата на разгледување на поделбата на одговорностите во евентуалната идна коалиција, како и на „предлозите за соодветни, подготвени, чесни и способни кадри, кои ќе можат во целост да ја реализираат програмата во четиригодишен мандат“, соопштија СДСМ и ДУИ. Двете партии потенцираат дека единствени точни информации околу консултациите се оние добиени од официјалните партиски лица вклучени во преговорите.

Консултациите меѓу двете партии, започнаа откако шефот на државата Стево Пендаровски во четвртокот го додели мандатот за формирање на влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Разговорите меѓу двете партии почнаа во четвртокот попладне, со тричасовна средба на Заев со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, која во заедничко соопштение беше оценета како конструктивна и продуктивна и на која биле постигнати основите за „напредок кон коалициски договор за нова европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, на еднаквоста и на владеењето на правото“.

ДУИ од своја страна соопшти дека разговорите за формирање на владина коалиција со СДСМ се одвиваат на различни партиски нивоа, изразувајќи уверување дека ќе дојдат до конечен договор и Влада со целосен четиригодишен мандат, која ќе биде изгласана во Собранието, ќе служи на сите граѓани подеднакво и ќе продолжи партнерството со евроатлантските сојузници.