
Втор ден со ред Франција во неделата забележа повеќе од три илјади нови случаи на зараза со новиот коронавирус, објави француското министерство за здравство.
Во неделата е објавено дека во изминатото деноноќие се регистрирани 3.015 новозаразени. Сепак, оваа бројка е пониска од онаа која беше објавена во саботата 3.310 нови случаи но се однесува на викендот, а се најголеми во периодот од укинувањето на карантинот во Франција.
Поради растот на бројот на заразените изминатава седмица, седумдневниот просек на новозаразените е над прагот од 2.000 случаи на дневно ниво, првпат по април, кога во Франција на сила беше еден од најстрогите карантини во Европа.
Вкупно од почетокот на епидемијата во Франција во февруари заразени се околу 253.000 луѓе, од кои починале 30.410 заболени.
Бројот на новите случаи на Covid-19, кој расте во текот на летото, многу ги загрижува здравствените власти кои стравуваат од појавата на вториот бран на епидемијата. Сѐ повеќе градови наметнуваат задолжително носење маски и на отворени простори, а сѐ повеќе се актуелизира и прашањето за носење маски на работните места.
Француската влада сака до крајот на август да ги измени прописите за носење маска на работните места и има намера да го прогласи задолжително носењето маски на некои места. Министерката за труд Елизабет Борне изјаво дека во вторник во разговорите со претставниците на работодавачите и синдикатите ќе предложи маските да бидат задолжителни во колективните работни простории.