Нов Зеланд ги одложи изборите поради новите случаи на коронавирусот

Властите на Нов Зеланд одлучија да ги одложат парламентарните избори за еден месец откако во земјата по три месеца се појавија новите случаи на коронаинфекција, објави во понеделникот премиерката Џасинда Ардерн.

Изборите требаше да се одржат на 19-ти септември, но сега се преместени за 17-ти октомври, соопшти Ардерн на прес-конференција.

„Оваа одлука на сите партии им дава време за кампања во текот на следните девет седмици и на изборната комисија ѝ дава доволно време да осигури да може да се одржат изборите“, изјави новозеландската премиерка.

Одлуката за датумот на кој се одржуваат изборите е исклучиво во доменот на премиерот на Нов Зеланд, но Ардерн ги консултирала и другите политички лидери за нивно мислење.

Додаде притоа дека изборите нема повторно да се одложат. Самата Ардерн на овие избори нема да се трка за нов мандат.

Истовремено со изборите на Нов Зеланд ќе се одржат и референдуми за легализација на евтаназијата и користењето канабис.

Нов Зеланд минатиот вторник ги потврди новите случаи на коронавирус по повеќе од сто дена без локална трансмисија на заразата. Земјата со вкупно 1.622 случаи на Covid-19 и 22 смртни исходи беше пример за успешно запирање на ширењето на вирусот меѓу популацијата.