
Еден од најголемите акционери во Еуростандард банката, Трифун Костовски упати јавен повик за стопирање на стечајната постапка и во интерес на граѓаните да се дозволи потенцијални купувачи да вложат средства што ќе овозможат таа да продолжи со работа.
„Јавно ги повикувам сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка Народна банка на Република Македонија, да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба.
Легалистите би рекле дека ваквото повлекување на стечајна постапка не е можно согласно Законот за банки. Сакам да ве убедам дека не може законот да биде над интересите на граѓаните.
Потенцијални купувачи на банката се спремни да вложат сериозни средства и да го овозможат нејзиното работење во банкарскиот сектор“, вели Костовски во повик.
Тој се осврнува и на последиците доколку не се отстапи од одлуката на Народна банка.
„Клиентите на Еуростандард банка, кои се оштетени со оваа одлука ќе бидат целосно вознемирени со преземање активности да си го вратат своето. Поради софтверскиот систем за исплата на пензии, неколку илјади пензионери ќе се соочат со не можноста редовно да ги добиваат своите пензии, а тоа е најранливиот слој на граѓани во Македонија. Масовни отпуштања и зголемување на невработеноста, како на вработените во Еуростандард банка, така и на вработените во Македонски пошти, поради неможноста да остварат приход и да ги заработат чесно своите примања“, вели Костовски.
Стечајна постапка за „Еуростандард банка“, Народната банка побара поради големите кредитни загуби, а затворањето на банката е во функција на одржување и јакнење на банкарскиот систем и заштита на депонентите.