Антитела откриени кај волонтери на вакцина против Covid-19

Антитела се откриени кај четворица волонтери кои учествувале во тестирањето на вакцината против новиот коронавирус во рускиот центар „Вектор“, и притоа кај ниеден нема сериозни несакани реакции, изјави во четвртокот Светлана Усова водечки истражувач во споменатиот научен центар.

„Не забележавме реакции како што се несакани појави, компликации на централниот нервен систем, на кардиоваскуларниот систем. Сѐ се одвива добро.. Антителата (на коронавирусот) беа откриени кај четворица волонтери“, изјави Усова во утринската програма на рускиот телевизиски Први канал.

Водителката на лабораторијата на одделот за биолошко-технолошка контрола во центарот истакна дека антителата на вирусот SARS-CoV-2 биле откриени кај сите четворица доброволци кои ги минале сите фази на препаратот развиван во научниот центар „Вектор“.

„Премногу е рано да се зборува за имуногеност, бидејќи само четири лица беа вакцинирани по вторпат со вакцината по 21 ден. Сепак, добивме прилично охрабрувачки резултти кај четворицата волонтери“, додаде Усова.

Претходно од службата за односи со јавноста на рускиот регулатор изјавиле за агенцијата РИА дека започнала вакцинацијата на сите кои ја тестираат вакцината против Covid-19 во центарот „Вектор“, односно 57 кои ја добиваат вакцината, и 43 испитаници кои примиле плацебо.

Центарот „Вектор“ на 24-ти јули доби одобрување од руското министерство за здравство да спроведе клинички испитувања на својата вакцина врз доброволци. Првиот волонтер бил вакциниран на 27-ми јули.

Русија во средата ја започна новата фаза од клиничките испитувања на претходно одобрената вакцина против коронавирусот, наречена „Спутник V“, која ќе вклучи над 40.000 лица во Москва. Како што објави Рускиот фонд за директни вложувања, кој исто така учествуваше во развојот на вакцината, тестирањата ќе се вршат и во уште пет странски држави.

Претходно руските здравствени власти објавија дека оваа вакцина е сигурна и ефикасна, откако два месеца била тестирана на помала скала волнтери чии резултати се очекува да бидат објавени наскоро. Вакцината беше одобрена пред вообичаените испитувања на неколку илјади лица, познати како фаза III, за што потегот беше критикуван на Западот.

Кон средината на август беше објавено дека започнува производството на првата серија од оваа вакцина „Спутник V“, развиена во московскиот научен институт „Гамалеја“, најавувајќи дека до декември или јануари месечно ќе се произведуваат околу 5 милиони дози, како и дека 27 земји во светот пројавиле интерес за учество во производството.

Рускиот претседател Владимир Путин ја уверува јавноста дека оваа вакцина е безбедна, и оти со неа е вакцинирана една од неговите ќерки кои по вакцинирањето се чувствува добро.

Во Русија инаку паралелно се работат на наколку вакцини против коронавирусот. Во вторникот руското министерство за здравство објави дека ја регистрирал ткн „сува вакцина“ (лиофилизат), односно прашок за подготовка на раствор за интрамускулно инјектирање, Вакцината е регистрирана под називот „Гам-КОВИД-Вак-Лио“, и е создадена исто така во научниот ценар „Гамалеја“. Ден подоцна генералниот директор на Националниот центар за медицински истражувања „Алмазов“, Евгениј Шахто, објави дека руските научници работат на развојот на уникатна вакцина којашто истовремено ќе штити и од грип и од коронавирусот.