
На 31 август истекуваат голем дел од одлуките на грчката Влада што се однесуваат на туризмот и туристите, како што се ограничувањата за одредени земји, затворените копнени граници, обврската за пополнување на ПЛФ формуларот, но веројатно е дека овие мерки ќе бидат продолжени, иако официјалната одлука ќе биде соопштена утре, јави МИА од Атина.
„За продолжување на повеќето од овие мерки, ќе има сопштенија утре, на брифингот со заменик-министерот за цивилна заштита, Никос Хардаљас. Некои од мерките од локален карактер, кои не е потребно да бидат продолжени, ќе бидат прекинати“, соопшти портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, одговарајќи на прашањето за можност за укинување или продолжување на конкретните одлуки што се во сила до понеделник.
Во однос на ситуцијата со корона вирусот во Грција, Пецас изјави дека и покрај зголемениот број на нови случаи, епидемиолошката слика на земјата е добра, факторот на пренос на вирусот (Рт) за периодот од 20 до 26 август е намален на 0,85, наспроти периодот од 5 до 20 август кога бил над еден.
Според дијагностичките тестови, 10-15 отсто од случаите се увезени. Повеќето од нив се раширени низ цела Грција, со поголема концентрација во двата големи урбани центри.
Вчера во Грција беше регистриран своевиден црн рекорд со 293 новозаболени за 24 часа. Од почетокот на пандемијата во оваа земја се регистрирани над 9.000 заразени и 248 починати како последица на Ковид-19.