
Експертите на компанијата „Neuralink“ развиле безжична верзија на истоимениот невроинтерфејс, кој бил успешно вграден во мозоците на две свињи, а потоа е извлечен без да им се наштети на животните, објави претприемачот Илон Маск во текот на онлајн прес-конференцијата во седиштето на компанијата.
„Во текот на изминатата година значително ги поедноставивме нашите системи, тие сега се вметнуваат во чип, заземаат помалку простор од паричка и може да бидат потполно скриени при имплантирање. Тој целосно ќе се спои со коската на черепот и ќе биде невидлив однадвор, ќе работи цел ден без повторно полнење“, рече Маск.
Според него, разработените протоколи и усовршениот модел на робот за нивно автоматско имплантирање биле успешно тестирани на две свињи. Инсталираните чипови им овозможиле на научниците безжично да ја следат активноста на тактилните центри на мозокот од животното, регистрирајќи го она што свињата го допира со својата рилка.
За да ја демонстрираат безбедноста на овие уреди, неврофизиолозите го извлекле импалнтатот од мозокот на едно од животните без да го повредат неговиот мозок. Како што истакна Маск, вториот чип работи во главата на другото животно веќе неколку месеци без да предизвика отфрлање или други проблеми. Последователно, истражувачите имплантирале одеднаш два чипа во мозокот на една од свињите, што ја потврдило можноста неколку вакви уреди да работат паралелно.
Покрај тоа, научниците успешно го модифицирале начинот на работа на повеќе невронски вериги, користејќи имплантирани чипови и електроди за да се стимулира активноста на одделни нервни клетки. Ова ќе овозможи во иднина да се користат вакви инструменти во борбата со епилепсијата, парализата и други болести при кои е нарушена работата на централнот или ‘рбетниот мозок.
Сајбериднината на човештвото
Страртапот Neuralink Илон Маск го формираше пред четири години со цел да ги обедини напорите на водечките светски експерти во областа на развојот на невроинтерфејсите и развојот на уреди кои овозможуваат вградување на речиси неограничен број електроди во мозокот.
Пред една години бизнисменот ги презентираше првите резултати од својата работа, вклучително и два комплета електроди и чипови коишто ги претвораат нервните импулси во сигнали разбирливи за компјутерот, како и специјален робот кој е оспособен за извршување на операциите за нивно имплантирање во целосно автоматизиран режим.
Првите прототипови на овие електроди и чипови беа всадени во мозоците на неколку стаорци и поврзани со компјутер користејќи стандарден USB кабел. Како што се испостави, дури и првите верзии на Neuralink биле во можност да прочитаат многу чист сигнал дури и кога нервните клетки многу брзо генерираат импулси. Новата верзија на уредот, наречена Neuralink 0.9, работи безжично и е целосно автономна.
Таквите интерфејси, како што пишуваат научниците во своите трудови, може да се користат за поврзување на „новите“ екстремитети со мозокот, за набљудување на работата на нервното ткиво кај епилептичарите, на заболените од мултиплекс склероза и Паркинсоновата болест и други нарушувања кои го оневозможуваат нормалното предавање на сигналите меѓу невроните. Како што истакна Маск, прототиповите на Neuralink веќе добиле прелиминарно одобрување од регулаторните органи, што ќе им овозможи да се користат во клиничките испитувања во блиска иднина.
Во подалечна перспектива, според Маск, овие невроинтерфејси ќе му овозможат на човекот да стане киборг, способен да се спротистави на вештачката интелигенција, а исто така ќе им помогне на луѓето да научат непосредно да управуваат со кмпјутер со моќта на своите мисли.