
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со кинескиот амбасадор во Македонија, Џанг Ѕуо.
Џафери го информирал амбасадорот Џанг за конституирањето на Собранието и изборот на новата Влада, по што ќе следи изборот на работните тела, делегациите и групите за соработка, вклучително и со Парламентот на Народна Република Кина.
-Пандемијата има свое влијание на взаемните физички посети и комуникации, но законодавните домови имаат можност по електронски пат да ја негуваат утврдената парламентарната соработка – истакнал Џафери.
Како што соопштија од неговиот Кабинет, Џафери изразил надеж дека со формирањето на Владата, почнатите и предвидените билатерални проекти ќе продолжат и во иднина.
Амбасадорот Џанг изразил благодарност за остварената средба и ја искористил приликата да врачи писмо со честитка за реизборот на Џафери, упатено од Ли Џаншу, претседател на Секинескиот Народен Конгрес.
-И покрај влијанието на пандемијата на секојдневното живеење, соработката меѓу државите мора да продолжи покрај во здравствениот сектор и во други сектори од взаемен интерес, како во транспортот, инфраструктурата и енергетиката – констатирал Џанг.
Тој посочил дека големиот кинески пазар обезбедува одлични можности за соработка и во други полиња и за таа цел, кинеската амбасада во Македонија активно соработува со стопанските комори и други чинители за искористување на овие потенцијали.