
Докторот по хемиски науки Леонид Ринк, кој директно бил вклучен во ерата на поранешниот Советскиот сојуз во создавањето на нервниот агенс популарно наречен „новичок“ во средата вечерта откако претходно Германија објави дека рускиот опозициски активнист Алексеј Навални бил наводно отруен во Русија со овој боев отров, објасни зошто според него е невозможно блогерот да бил отруен со оваа супстанција.
Ринк во емисијата на YouTube каналот „Соловев во живо“ појасни дека системот „новичок“ претставува своевиден коктел составен од многу компоненти, кој не е подготвен за употреба сѐ додека нема експлозија. Оттаму, потенцира научникот, „невозможно е да се зборува за труење на Навални на овој начин“.
Ринк вели, исто така, дека е „смешна“ претпоставката дека „новичок“ може да се користи за убиство на само една личност, бидејќи оваа смеса е способна да уништи цела воена единица.
Експертот, исто така, истакнува дека симптомите кои се појавиле кај Навални сосема се поинакви од труењето со оваа супстанција. Како што уверува Ринк, кај лице врз кое е применет „новичок“ се забележува остро стеснување на зениците, започнуваат конвулзи, по што смртта настапува за само неколку минути.
Ринк оценува дека е „невозможно сценариото, во кое жртвата може да биде спасена во текот на неколку седмици и да биде транспортирана со авион“. Хемискиот експерт, врз основа на расположливите информации за симптомите забележани кај Навални, смета дека станува збор за знаци кои се карактеристични за панкреатитис, кој може да биде инициран од други работи.
Ринк додава дека трагите на „новичок“, за чие присиство кај Навални објави денеска Берлин повикувајќи се на истражувањата на лабораторија на германската армија, може да се траги од лекови и препарати кои се користени за лекување на блогерот.
„Користењето на ‘новичок’ во такви услови не само што не е целисходно, туку е и невозможно, па затоа може да зборуваме за евентуална употреба на од сличен тип“, вели Ринк.
Притоа рускиот научник потсетува дека таквите супстанции, вклучително и „новичок“ „се разбира, многу добро умеат да ги прават Германците, Англичаните, Швеѓаните, Чесите и Американците“.
Терминот „новичок“ започна да се користи откако Велика Британија во март 2018 година ја обвини Русија дека со овој нервен агенс ги затрула во англиски Солсбери поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрпал и неговата ќерка Јулија. Тогашната британската премиерка Тереза Меј рече дека двајцата биле отруени со воен нервен отров кој го нарече „Новичок“ кој Советскиот сојуз го развил во 1970 и 1980-те години.
Русија, пак, објави дека името „Новичок“ е дадено за да асоцира на „руско“, но дека станува збор за агенс познат како А-230 и подвид А-234, кој го развивале и Велика Британија, Шведска, Чешка и Словачка, како и САД каде што со децении живее еден од руските хемиски научници кои работеле на вакви супстанции. Притоа, чешкото разузнавање потврди дека мали количества од „новичок“ се тестирани во ноември 2017 година во Воено-истражувачкиот институт во Брно, а потоа биле уништени.