Словачкиот суд го ослободи бизнисменот Кочнер за убиството на новинарот Куциак

Словачкиот суд во четвртокот донесе одлука дека влијателниот претприемач Маријан Кочнер не е виновен во случајот на убиството на истражувачкиот новинар Јан Куциак.

Судот прогласи виновен еден од обвинетите за учество во двојното убиство, но не нашол докази дека ликвидацијата ја нарачал биснисменот Кочнер.

Новинарот Јан Куциак и неговата вереница Мартина Кушнирова, двајцата 27-годишни, се убиени од огнено оружје во нивниот дом близу главниот град Братислава во февруари 2018 година.

Обвинителството тврдеше дека претприемачот Маријан Кочнер, за кој Куциак пишуваше во рамките на истражувањето за бизнисмени поврзани со политиката, дека го нарачал неговото убиство.

Обвинителите бараа, доколку бидат прогласени за виновни, Кочнер и неговите помагачи Томаш Сабо и Алена Зузова да добијат по 25 години затвор. Во своите завршни зборови во јули, Кочнер ја отфрли својата вмешаност во убиството.

Од петтемина обвинети во овој случај, двајца ја признаа вината и веќе претходно им беа изречени пресуди. Золтан Андрушко, посредник во заговорот за убиството, е осуден на 15 години затвор во декември 2019 година откако се согласил на спогодба со обвинителството. Поранешниот војник и платен убиец Мирослав Марчек е осуден на 23 години затвор во април за убиство на младата двојка.