Турција ја осуди одлуката на Косово за отворање амбасада во Ерусалим

Турското министерство за надворешни работи ги обвини во неделата властите во Приштина дека го кршат меѓународното право со својата одлука парафирана во Вашингтон да отворат амбасада на самопрогласената држава во Ерусалим откако според договорот воспоставува дипломатски односи со Израел.

Израелскиот премиер Бенјаминн Нетанјаху во петокот, по средбата за решавање на односите меѓи Белград и Приштина меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти под покровителство на американскиот челник Доналд Трамп во Белата куќа, објави дека Србија ќе ја премести својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим, како прва европска држава која со тоа ќе го наруши меѓународниот консензус. Истовремено Нетанјаху најави и дека Косово, со кое еврејската држава се согласила да воспостави дипломатски односи, исто така, својата дипломатска мисија ќе ја воспостави во Светиот град. Одлуките на двете страни се донесени со посредство на САД.

Трамп во Белата куќа ја пофали „неверојатната храброст“ на Вучиќ и Хоти. „Благодарение на нив и одлуките што ги донесоа, зајакна безбедноста не само на Балканот, туку и низ целиот свет“, оцени американскиот претседател.

Претходно Анкара ја осуди одлуката на Белград за преселувањето на амбасадата.

„Од соопштенијата на социјалните мрежи, на претседателот, премиер и шефот на дипломатијата на Косово станува јасно дека заедно со меѓусебното признавање на Израел и Косово, се планира отворање на косовска дипломатска мисија во Ерусалим. Разочарувачки е што косовските власти размислуваат за чекор кој би претставувал јасно кршење на меѓународното право“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Истовремено се истакнува дека Турција беше една од првите земји кои ја признаа  еднострано прогласената независност во 2008-та на поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, и оти Анкара дава голема поддршка за меѓународното признавање на Косово.

„Сепак, сметаме дека не е правилно да се гради ваквиот процес во спротивност со меѓународното право и особено со страдањата на палестинскиот народ, чијашто земја се наоѓа под окупација. Го повикуваме Косово да се придржува до резолуциите на ОН и да се воздржи од чекоио кои го нарушуваат правниот статус на Ерусалим, а исто така може во иднина да го попречи признанието на Косово од други држави“, се вели во соопштението на турската дипломатија.

Американскиот претседател Доналд Трамп ваквата одлука ја донесе во 2017 година, кога предизвика остри реакции од муслиманските и арапските земји, а Палестинците објавија за пропаст на децениските израелско-палестински мировни преговори. Остро реагираа и земјите од Европа, според кои источен Ерусалим е дел од палестинските територии окупирани од Израел во војната од 1967 година. Досега примерот на САД го следеше само Гватемала.