Гостиварец ја убил сопругата со секира

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, во координација со екипа на крим техника од Министерството за внатрешни работи, изврши увид на местото каде утринава е пронајдено тело на жена лишена од живот, соопшти Обвинителството.

Станува збор за Џ.И. од населбата Бањешница, а осомничен е нејзиниот 67-годишен сопруг Џ.И, кој е во бегство.

– Настанот бил пријавен утринава околу 7 часот од син на жртвата, гостиварка на возраст од 60 години. Осомничен за стореното кривично дело е нејзиниот сопруг, 67-годишен жител на Гостивар, со кого жртвата подолго време имала нарушени односи. Според првичните сознанија на обвинителството, осомничениот ја нападнал оштетената, па со употреба на секира и нож ѝ нанел повеќе убодни рани по телото – велат од Обвинителството.

Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување и прибирање на траги од лице место, кои ќе бидат предмет на натамошно вештачење. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатата.

Настанот видно ги вознемири повеќето соседи во гостиварската населба Бањешница кои од утрово се обидуваа да разберат што се случило во нивна близина. Повеќето беа зачудени од настанот, бидејќи како што рекоа, биле сосема нормални луѓе и ништо не навестувало дека утрово ќе има трагичен исход.

Засега не е познато што довело до трагедијата, но неофицијално станува збор за расправија поради нарушени меѓусебни односи.