Путин му се извинил на Вучиќ за Захарова

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за РИА Новости потврди дека претседателот Владимир Путин му се извинил на српскиот претседател Александар Вучиќ за непримерната објава на „Фејсбук“ на официјалната претставничка на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.

Вучиќ за српскиот јавен сервис синоќа изјави дека рускиот лидер Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров се извиниле за објавата на Захарова за посетата на српската делегација на Вашингтон.

Вучиќ рече дека имал „одличен телефонски разговор“ со неговиот руски колега, пришто Путин му кажал дека руската држава не стои зад објавата на Захарова, а особено не тој лично.

„Путин, како и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, никогаш не ми се извиниле за ништо, а сега и двајцата го сторија тоа за вакво нешто, без јас дури да го спомнам“, изјави Вучиќ за РТС.

Во саботата Захарова на „Фејсбук“ објави фотографија на српскиот претседател Александар Вучиќ на ниско столче пред голема маса со американскиот претседател Доналд Трамп и фотографија на сцена од филмот „Ниски страсти“, во која актерката Шерон Стоун седи со прекрстени нозе на полициско испрашување.

„Ако ве поканат во Белата куќа, а столчето е поставено како да сте на сослушување, седите како на сликата број 2. Без разлика кој сте. Верувајте ми“, напиша Захарова, по што образложи дека објавата била погрешно протолкувана.