
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска го потпишал Правилникот за урбанистичко планирање, со што се овозможува примена на новиот Закон за урбанистичко планирање.
– Ќе овозможиме вистински развој на урбаните средини преку рационално и хумано планирање на просторот – рече Бочварски на прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека законот овозможува вистинско вклучување на јавноста во креирање на реалните потреби и состојби во планирањето на просторот.
Според него, се воспоставуваат сериозни регулации во делот на донесувањето на урбанистичките планови и заштитата на зеленилото, како што е предвиденото двојно гласање во Советот преку партиципативно тело во кое ќе учествуваат граѓани, стручни лица, фелата, советничките групи, кои ќе имаат целосен увид во носењето на деталните урбанистички планови.
-Апелирам и барам вклученост на граѓаните. Ова е идеален правилник преку кој можат да се вклучат сите, но од овде натаму останува вклученоста на граѓаните да не се доведуваме во ситуација по донесени ДУП-ови да излегуваат реакциите на граѓаните бидејќи тогаш таа реакција реално е и задоцнета. Токму поради ова Правилникот беше целосно усогласен со фелата, архитектите, професорите, коморите, граѓанските здруженија. Во текот на носењето се вградени 410 ставови, во законодавно-правниот аспект 330. Правиме сериозна регулација на просторот. Можеме да бидеме уверени и убедени дека урбанизмот ќе биде вистинска алатка за вистински развој на државата, а не нешто преку кое ќе се врши узурпација на просторот – појасни Бочварски.