
Податоците за руската вакцина против коронавирусот се нецелосни, има недоследности и повторување како „копи/пејст“, тврдат 38 научници чијашто позиција беше објавена во научното списание Nature.
Изданието потсетува дека руските податоци беа објавени овој месец во медицинското списание The Lancet.
Во отворено писмо до руските автори, научниците истакнуваат дека објавените резултати од раната фаза на истражувањето се претставени само во форма на графикони, без специфичните податоци врз кои се градени тие графикона.
Италијанскиот молекуларен биолог Енрико Бучи истакнува дека во руската публикација во Lancet е претставено мерење на нивото на имунoклеткиte во крвта на 9 групи волонтери врз кои се тестирани различни формули за вакцини. Во две од овие групи, податоците се покажаа исти.
„Шансите ова да се случи во природни околности се мали“, смета Бучи.
Научниците велат дека тие не обвинуваат, но за да се направи соодветна процена, потребна е подетална презентација на оригиналните податоци. Во исто време, се забележува дека објавувањето на таквата студија без детални податоци е многу невообичаено однесување во научната заедница.
Од Nature барале појаснување од авторот на руската публикација за вакцината во истражувачкиот центар „Гамалеј“, Денис Логунов, но тој одбил да даде коментар.
Руската вакцина е регистрирана пред задолжителна трета фаза на испитувања според светските фармацевтски стандарди и без објавување на податоците од претходните фази.