
Во Словенија во последните 24 часа со 3.557 тестови коронаинфекцијата е потврдена кај 137 лица, што е за 33 случаи повеќе отколку претходниот ден и нов рекорден број на потврдени зарази на дневно ниво од почетокот на епидемијата, соопшти во петокот словенечката влада.
Досега најголем број нови зарази со коронавирусот SARS-CoV-2 во еден ден Словенија забележа на 15-ти септември, кога беа потврдени 123 случаи од 3.123 спроведени тестирања.
Бројот на активните случаи на зараза во Словенија во моментов изнесува 1.116, од вкупно 4.195 потврдени зарази од почетокот на епидемијата. Во болниците се хоспитализирани 67 пациенти, што е за седум повеќе од претходниот ден, а од нив 11 се на интензивно лекување. Забележани се и четири смртни случаи, па бројот на починатите се зголеми на 138.
Имајќи предвид дека за смирување на епидемиолошката состојба следните десет дена се сметаат за критични, владата на премиерот Јанез Јанша од саботата воведува задолжително носење маски на јавни простори, како што се пазарите, но и во училниците и во фактултетските амфитеатри.
Владата, исто така, размислува и за ограничување на дозволениот број лица на одредени собири на најмногу шест лица. Покрај тоа, од идната седмица работното време на гостилниците, клубовите и другите локали ќе биде ограничено најмногу до 22 часот, а некои ограничувања се предвидени и за работењето на продавниците.
Од друга страна, владата го повикува населението, на одговорност и доследно придржување на основните епидемиолошки мерки: одржување на растојанието, хигиената на рацете и кашлањето, како и избегнување приватни дружења надвор од кругот на семејството, како што се роденденски и други прослави.
За да се намали можноста од ширење на заразата во работните средини, владата на Јанша ги повика во четвртокот рапотодавачите на сите вработени при доаѓањето на работа да им се мери температурата со што ќе овозможат безбедна работа на што се и законски обврзани, и во договор со лекарите од медицината на трудот да го дефинираат степенот на ризик од зараза во своите работни простории и на тоа превентивно да ги пролагодат начинот и времето на работата.