Одлуките за вонредната состојба на седница на 29-ти, нивната потврда неизвесна

Одлуките на претседателот Стево Пендаровски за прогласување на вонредна состојба се очекува на крајот од месецов да се најдат на пленарна седница.

Според информации од Собранието, спикерот Талат Џафери денеска најавил дека планира за 29 септември да свика седница на која што на дневен ред ќе се најдат одлуките кои што кабинетот на шефот на државата ги испрати уште на 25-ти август.

Согласно изјавите на Џафери, но и на Пендаровски за потврда на одлуките за вонредна состојба ќе биде потребно двотретинско мнозинство кое е неизвесно дали ќе се обезбеди бидејќи дел до одлуките се оспорени од опозицијата.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски вели како ќе гласаат опозициските пратеници за одлуките ќе зависи од аргументите кои ќе се изнесат во текот на расправата. Вмро дпмне ги спори особено последните две одлуки на Пендаровски, бидејќи како што велат, се однесени без консултација со сите политички партии, а беа искористени за непринципиелни одлуки како измената на Изборниот законик непосредно пред предвремените избори на 15 јули.

И од Алијанса за Албанците и Алтернатива засега нема потврда дека ќе гласаат „за“ одлуките. А, дел од актите на Пендаровски ги спорат и од Левица, кои ги обжалија и пред Уставниот суд.

Без разлика на ставовите на опозицијата, од власта велат дека тие имаат аргументи поради кои ќе гласаат „за“ потврда на одлуките на Пендаровски.

Инаку, шефот на државата неодамна во интервју изразни стравување дека е можно дел неговите одлуки да не ја добијат потребната поддршка во Собранието исто како и дел од владините уредби со законска сила донесени за времетраењето на вонредната состојба. Според него, тоа би можело да има сериозни правни последици.