Се урна воен авион во Србија

Авион „Миг 21“ на српската армија се урна  во атарот на селото Брасина кај Мали Зворник при извршување на редовна задача. Загинаа двајцата пилоти.

Повреден е жител во чиј двор се урнал авионот, кој е одведен во болница во Лозница и примен на Одделот за интензивна нега, каде му се третирани изгорениците на телото. Локалните жители велат дека авионот летал над селото, а во еден момент летал многу ниско, над покривите на куќите.

„Бев дома и се подготвував да одам за Мали Зворник и во тој момент слушнав силен звук на авион. Го гледав авионот, леташе ниско, излегов и осетив силен чад.“ – вели Станоје Гнијиќ – жител на Брасина.

Познавачите велат дека станува збор за авион ловец кој служи за обука.

„Според серискиот број, станува збор за постар Миг. Овој авион конкретно е набавен од ЈНА во 1986 година, а ремонтиран е во 2016 и оттогаш по ремонтот добил одобрение до 2026 да може да лета. Приземјен бил во 2018, оттогаш не летал, а почнал повторно да лета на почетокот на оваа година.“ – изјави Петар Војиновиќ.

Авионот МИГ 21 пред полетувањето бил прегледан согласно сите процедури и било констатирано дека е подготвен за лет.