
Унгарија и Полска ќе воспостават заеднички институт кој ќе ја проценува состојбата на владеењето на правото во земјите членки на Европската унија, за овие две земји „да не бидат третирани како будали“ поради обвинувањата за наводното нивно нарушување на владеењето на правото, објави во понеделникот шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.
По средбата со полскиот министер за надворешни работи Збигењев Раут во Будимпешта, неговиот унгарски колега Петер Сијарто рече дека извештајот на ЕУ за владеење на правото, за кој наскоро ќе се расправа во Брисел, веројатно ќе биде политичка изјава а не втемелена оцена.
„Целта на овој институт за компаративно право е да не нѐ третираат како будали“, рече Сијарто додавајќи дека му е „доста од некои западни политичари кои нѐ користат како боксерска вреќа“.
Институтот ќе ја разгледува состојбата на владеењето на правото во земјите членки на ЕУ за да се избегнат двојните стандарди кои се применуват врз Унгарија и Полска, додаде Сијарто.
Полскиот министер истакна дека новиот институт ќе ја промовира расправата и тренспарентноста во рамките на ЕУ. „Правната дискусија не може да биде заменета од политичката расправа“, порача Раут.
Особено одредени политичари во ЕУ, последните години ги обвинуваат владејачките партии Право и справедливост (PiS) во Полска и Фидеш во Унгарија дека наводно ги нарушуваат демократските стандарди. Брисел ги обвинува Варшава и Будимпешта за наводно нарушување на независноста на судството, медиумите, универзитетите и невладините организации.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во петокот во интервју за агенцијата Reuters решително ги отфрли обвинувањата дека ја поткопува демократијата.
На самитот на ЕУ во јули беше договорен пристап до средствата од Повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021 до 2027 година и до средствата од фондот за закрепнување од коронакризата да биде условена со придржување на владеење на правото, што беше иницијатива на челнциите на некои западни земји членки насочено кон централноевропските членки.
Меѓутоа, точните поединости сѐ уште не се претставени, а Европскиот парламент бара поостри услови од договорените на самитот. Варшава и Будимпешта ги предводат земјите кои се заканија дека ќе вложат вето на секој предлог кој го загрозува нивните интереси.