
Холандија воведува нови мерки во обид да го стави под контрола вториот бран на ширење на корона вирусот, а дел од тие мерки е тоа што на голем број жители за првпат ќе им биде препорачано да носат маска и во продавници.
Во споредба со соседните земји, Холандија досега одбиваше да воведе строги ограничувања, но оваа недела се регистрираат речиси 3.000 новозаразени на ден. Новите мерки ќе траат најмалку три недели.
-Правиме најдобро што можеме, но на вирусот му оди уште подобро – изјави министерот за здравство Хуго де Јонг.
Премиерот Ханс Руте соопшти дека ситуацијата во трите најголеми града Амстердам, Ротердам и Хаг станала многу сериозна и затоа е потребна акција.
Од денеска, на луѓето им се советува да ги избегнуваат сите несуштински патувања меѓу овие градови, рестораните и баровите ќе треба да затворат до 22 часот, а носењето маска ќе биде задолжително и во продавници, не само во јавен превоз. Исто така, луѓето се советуваат да работат од дома ако можат.
Во почетокот на епидемијата, Холандија усвои стратегија на „интелигентен карантин“ и не го затвори јавниот живот.