ИЈЗ: Намалување на бројот на новозаболени и починати лица изминатата недела

Изминатата недела (од 21 до 27 септември), регистрирани се 890 новозаболени со ковид-19, што е за 6,4 отсто помалку од претходната недела. Намалување има и кај бројот на починати – 28, што е намалување од повеќе од 40 отсто (41,7%) во споредба со претходната недела.

Ова е неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во кој се анализираат и возрасната граница на заболените, активните случаи по општини, начин на зараза и друго.

Од тестираните 9 691 (0,3% повеќе во однос на минатата недела), за изминатите седум дена заклучно со 27 септември има 890 нови случаи, за разлика од 960 претходната недела. Најголем дел и натаму се во Скопје.

Број на заболени по недели (Извор: ИЈЗ)

ИЈЗ бележи и намалување на процентот на позитивни случаи од тестираните во овој период, кој изнесува 9.2% или 0.6 % помалку во однос на претходната недела.

Најголем број од заболените лица се над 60 години, по што следуваат од 40-49 години, од  30-39 години, а најмалку кај децата од 0-9 и 10-19 години што е идентично како и претходната недела.

Во изминатата недела има 28 смртни случаи, што е намалување од 41,7% во однос на минатата недела. Возраста на починатите е од над 60 години (23), на 50-59 (4) и еден од 40 до 49 години. Сите се починати во болница, при што 25 од нив имале други заболувања.

Најмногу активни случаи во Аеродром, Чаир веќе не е лидер

Најголем број од активните случаи во земјава се во главниот град – 677. Општина со најголем број случаи е Аеродром со 107, по што следуваат Центар со 97, Карпош со 84, Кисела Вода со 80, Гази Баба со 77, Чаир со 54, Ѓорче Петров со 52…

Активни случаи во Скопје по општини (Извор: ИЈЗ)

Проценка на СЗО на глобално ниво и на ниво на европски регион за понатамошно ширење на ковид-19 е дека ризикот е висок. За нашата земја, региони со ризик од широкораспространета трансмисија во заедницата се Скопје, Кочани и Струмица (фаза 4),  Берово, Валандово, Свети Николе и Делчево се во фаза 3  или ризик со локализирана трансмисија, додека останатиот дел од земјата е во фаза 2 или ризик од спорадични случаи.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за изминатата недела може да го погледнете тука.