Институциите плаќале од 66 до 448 денари за маска, а за скафандер и до 1.788 денари

Вкупно  6,7 милиони евра чинат договорите  за итни јавни набавки на државните институциите за заштита од коронавирусот склучени во првите шест месеци од кризата. За 68 отсто од склучените договори институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето. Дури една третина тендерите ги распишало Министерството за внатрешни работи.

Ова го констатира  Центарот за граѓански комуникации во сумарниот извештај од мониторингот на јавните набавки поврзани со ковид-19 во првите шест месеци од кризата.

Според наодите на Центарот, 97  државни институции имале итни јавни набавки при што потпишале  447 договори кои тежеле 6,7 милиони евра..

Дури 2,2 милиони евра чинеле 13 јавни набавки на Министерство за внатрешни работи кое е на врвот по износот на склучените договори.

Бр.ИнституцијаБрој на договориВкупна вредност во евра
1Министерство за внатрешни работи132.167.253
2Министерство за здравство22733.020
3Универзитетска клиника за трауматологија48699.914
4Градска општа болница „8 Септември“ Скопје35429.172
5Македонската академија на науките и уметностите -МАНУ24259.127

Договори за набавки со државните институции потпишале 186  компании, но 43 отсто од вредноста на сите тендери добиле пет фирми.

„Гифти текс“ за два договора добила 1,1 милион евра, додека „Алкалоид“ за 18 договори добила 299.862 евра.

Бр.ФирмаБрој на договориВкупна вредност во евра
1ГИФТИ ТЕКС увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп21.138.192
2БИОТЕК ДОО експорт-импорт Скопје3672.922
3Соникс Анастасија ДООЕЛ Скопје9485.157
4АЛКАЛОИД АД Скопје18299.862
5ЛИСА-КОМ МС ДООЕЛ Кавадарци2299.447

Анализата покажува дека секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач, а дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите.

Постојат значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици.

Кај маските, освен големите разлики во цените во зависност од видот на маската, големи разлики има и кај цените на маските од ист вид. Институциите купувале 16 различни видови маски. Најскапо платена е маска од видот „FFP2“ –  448 денари по парче, а најголеми разлики во цените за еден ист вид маски имало кај „респираторните маски N95“, коишто се движат од 66 до 313 денари за маска.

Кај „заштитните скафандери за еднократна употреба“, цените се движат од 177 денари до 1.156 денари по скафандер. Инаку, низ набавките, забележани се седум различни описи на набавените скафандери, од коишто најскапиот е по цена од 1.788 денари – опишан како медицински заштитен скафандер.

И кај ракавиците има пет различни видови, чии цени се движат од 1,8 денари до 9,32 денари за една ракавица.

Од Центарот за граѓански комуникации предупредуваат на можноста од корупција при итните јавни набавки бидејќи тие се спроведуваатсо преговарање без јавен оглас  согласно членот 55 став (1) г од Законот за јавните набавки.