Денови на македонската култура во Шибеник

Денеска и утре (2 и 3 октомври) во Шибеник ќе се одржат „Деновите на македонската култура“ во организација на невладината организација „Хрватско-македонска тангента, под покровителство на шибенскиот градоначалник д-р Жељко Буриќ.

Настанот започнува вечерва во Градската библиотека „Јурај Шишгориќ“ во 19 часот, каде ќе се обратат градоначалникот на Шибеник, Буриќ, вршителот на должност во македонската амбасадао во Хрватска, Назиф Џафери, претседателот на „Хрватско.македонска тангента“, Сашо Георгиевски, директорот на библиотеката, Вилијам Лакиќ.

„Деновите на македонската култура“ започнуваат со изложбата „Слика која зборува“ на Оливера Вапска, уметничка и педагог, Македонка која живее во Шибеник, а која изработува слики во уникатна техника „Филигран со срмен конец“.

Утре во 11 часот ќе се одржи тркалезна маса со учество на писатели, поети, публицисти и новинари, а меѓу гостите се Анте Томиќ и Ренато Баретиќ од Сплит, Мираја Мајиќ од Задар, Даворка Блажевиќ од Шибеник и други, кои ќе дебатираат на тема „Екранизација на роман“.

Попладнето ќе се одржи Поетско-музичка средба.

Со оваа културна манифестација (во услови на пандемија) се одржува континуитет со традиционалните Зларински книжевни средби „Од остров на копно, кон остров на море“, која веќе шест години, секој мај ја организира Хрватско-македонска тангента во соработка со Град Шибеник, Министеството за туризам на РХ и Туристичката заедница на Град Шибеник.

-Поради ситуацијата со Ковид-19 оваа година изостана учеството на писатели и публицисти од Македонија, Словенија, БиХ, Бугарија и други земји, но секако на Книжевната средба овие земји ќе бидат претставени преку свои претставници кои живеат и творат во Хрватска. Дел од својата креативност тие ќе ја пренесат на присутните на овој настан во Шибеник, вели Сашо Георгиевски, претседател на Хрватско-македонска тангента.

Во рамки на манифестацијата предвидено е и претставување на дел од богатата македонска кујна која ќе бидат застапени домашни македонски специјалитети.

Предлог е во иднина, секоја година во октомври во Шибеник да се одржуваат „Денови на македонска култура“ во духот на традиционалното пријателство и приближување на хрватско-македонските врски во доименот на културата, уметноста, медиумската соработка.