Трамп ги прекина преговорите со демократите за пакетот финансиска помош

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот објави дека решил повеќе да не преговара за новиот пакет помош за помагање на стопанството до изборите на 3-ти ноември со демократите кои го контролираат Претставничкиот дом на Конгресот.

„(Претедателката на Претставничкиот дом) Ненси Пелоси бара 2,4 трилиони долари за спасување на сојузните држави лошо управувани од демократите и со високи стапки на криминал. Пари кои немаат никава врска со Covid-19. Ние направивме многу подарежлива понуда од 1,6 трилиони долари и, како и обично, таа (Пелоси) не преговара во добра волја. Го одбивам нивното барања и гледам на иднината на нашата земја. Им порачав на моите претставници да ги прекинат преговорите пред изборите, а веднаш по победата ќе донесеме нацрт-закон за стимулирање на (американската економија), кој ќе се фокусира на вредните Американци и малите бизниси“, напишат Трамп на Twitter.

Белата куќа и Конгресот, во кој мнозинството го имаат републиканците на Трамп, уште кон крајот на март донесоа голем план за закрепнување во износ од 2.200 милијарди долари. Но донесените мерки постепено истекуваат, во прв ред дополнителната помош за невработените и заемите за малите и средните претпријатија.

Трамп додаде дека побарал од лидерот од републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Мекконел, „целосно да се фокусира на одобрување“ на неговата кандидатка за судијка во Врховниот суд, судијката на федералниот апелационен суд на седмиот округ Ејми Кони Барет.

Американскиот претседател, исто така, укажува и на рекордните показатели од берзата и на „светското лидерство“ на американската економија во закрепнувањето на кризата предизвикана од пандемијата на короанавирусот.

Меѓутоа неговата објава веднаш доведе до намаливање на клучните индекси на Волстрит на неполн час пред затворањето на американската берза. Така, индустрискиот индекс Dow Jones во моментот загуби околу 330 индексни поени, додека индексот S&P 500 во кој се вклучени 500-те најголеми компании на американскиот пазар и технолошкиот индекс Nasdaq, исто така, забележаа пад.

Економистите оценуваат дека новиот пакет помош е многу важен за на најголемата светска економија да ѝ овозможи да закрепне, откако беше потклекната поради пандемијата која парализираше многу стопански сектори.

Со одлуката, како што пишува весникот The Washington Post, „помошта ќе ја загубат милиони Американци кои останаа без работа и кои се соочуваат со иселување“.

Истовремено со објавата на Трамп, Пелоси телефонски ги известила своите сопартијци за напредок во преговорите за оваа тема со министерот за финансии Стивен Мнучин. Според весникот, претседателката на Претставничкиот дом зборувала за разликите во мислењата меѓу двете партии. Кога дознала дека Трамп ги прекинал преговорите, таа веднаш ја спуштила слушалката, пишува The Washington Post.

Администрацијата на Трамп и Конгресот повеќе од два месеца се обидуваат да се договорат за новиот план за помош за домаќинствата и за малите претпријатија, но не можеа да се договорат за износот. Разликите меѓу републиканците и демократите беа преголеми. Вккупниот износ на пакетот беше проблематичен, бидејќи републиканците предлагаа почетен пакет со помала вредност, па и дури да се вратат на преговарачката маса, а демократите бараа поголем пакет веднаш.

Објавата на американскиот претседател Доналд Трамп дојде во моментот кога претседателот на американската централна банка Federal Reserve (Fed), Џером Пауел, неколку часа претходно предупреди дека амероканската економија може да претрпи катастрофални последици доколку нема дополнителна помош за домаќинствата и претпријатијата. „Тоа би можело да поттикне динамика типична за рецесијата, бидејќи слабоста се храни со слабост“, рече Пауел.