Внесуваме нова енергија и динамика во меѓусебната комуникација, рече Османи пред посетата на Софија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи в петок ќе престојува во официјална посета на Бугарија на средба до шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.

Ова ќе биде прва билатерална средба на Османи откако е министер за надворешни работи. Рече дека од средбата ќе испратат пораки за засилена соработка, заемна поддршка и европска иднина на двете земји.

Посетата на Софија, Османи ја опиша како остварување на неговиот прв приоритет од мисијата како предводник на дипломатијата – унапредување на добрососедските односи. Тој најави дека отворено ќе се разговара за сите прашања, за работата на мешовитата комисија и за отстранување на сите несогласувања преку засилена политичка и економска соработка меѓу двете земји.

„Фактот дека првата билатерална посета е во Софија е порака сама по себе. Тоа укажува дека одржувањето на односите со соседите е наш сериозен интерес и приоритет. Мислам дека интензитетот на комуникација на политичко ниво и на стручно ниво на кое инсистираме ќе ги отстрани предрасудите кои се создадоа во меѓувреме поради пандемијата и изборите и како резултат на ослабување на динамиката на комуникација. Очекувам по мојата средба, да следува средба меѓу премиерите, со што влегуваме во нов циклус на комуникација, а праксата покажува дека при добра комуникација се наоѓаат и решенија. Оптимист сум дека ќе ги надминеме евентуалните разлики што постојат. Иако рамката е во Договорот за добрососедство, ова е внесување нова енергија и динамика“, рече Османи на денешната прес-конференција на која најави посетата.