
Снимателот и монтажер Тони Николовски, сопруг на поранешната советничка на премиерот Зоран Заев, Ленче Николовска, стана посебен советник за односи со јавност на министерот за земјоделие и шумарство. Телевизиската водителката Зорица Андреева и’ стана советник за евроинтеграции на министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска. И двајцата не се експерти во својата област. Но, ним и речиси целиот список на посебни советници во Владата ги врзува една работа – лојалноста кон владејачките партии.
Телевизиска водителка е советник за евроатлантски интеграции. Новинарка води политики за семејство и социјална заштита. Снимател е назначен на позиција советник за односи со јавност. ИРЛ ги објавува имињата на луѓето кои министрите ги одбраа да бидат нивни посебни советници. Од добиените биографии и разговори со дел од нив, евидентно е дека изборот не е направен врз основа на нивната стручност и квалитет, туку пресудна била партиската припадност или личните релации.
Експертите велат дека е разбирливо секој министер да сака да донесе човек од доверба на позицијата посебен советник. Но, проблемот е што ниту партијата не промовира систем на заслуги во своите редови, па местата за посебни советници не им ги нуди на своите стручни кадри од партиското членство.
„Ако кабинетот треба да има своја функција, тогаш посебните советници треба да имаат и стручност за позицијата која ја заземаат. Без разлика на дискрецијата во изборот на кабинетски соработници, граѓаните немаат должност да плаќаат неработници или некадарни советници“, вели Миша Поповиќ од Инситутот за демократија – Социетас Цивилис.
Посебните советници се вработуваат на определено време и нивното вработување трае до истекот на мандатот на министерот. Овие луѓе се најблиските соработници на министерот и котираат највисоко во хиеархијата на администрацијата. Министерот може да не ангажира посебен советник, но доколку реши да го стори тоа институцијата мора да распише оглас, вели Неда Малеска директор на Центарот за управување со промени.
„Во праксата искуството покажува дека функционерите најчесто знаат кој ќе биде нивниот тим, а потоа го задоволуваат и формалниот дел од постапката“, изјави Малеска.
ИРЛ од сите шеснаесет министри, четворицата вицепремиери и премиерот Зоран Заев побара листа на посебни советници ангажирани во нивните кабинети, нивни биографии, дали бил распишан оглас и висината на нивната месечна плата. На прашањата не одговорија од Владата, од Кабинетите на вицепремиерите, Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии. Побараа информациите да ги бараме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Истражувањето покажа дека министрите различно го толкуваат Законот за вработените во јавниот сектор. Дел од министрите посебните советници ги ангажирале без оглас. Кога има оглас, тогаш тој е наменски за одредено лице. Платите варираат од 36.000 денари до 52.000 денари.
Во првиот дел од истражувањето објавуваме дел од посебните советници кои добија место во министерските кабинети.
Сопругата во агро-бизнисот, сопругот советник во земјоделие
При распределбата на ресорите во владата, Министерството за земјоделство му припадна на коалицискиот партнер на СДСМ, партијата БЕСА. За министер е именуван генералниот секретар на партијата Арјанит Хоџа. Тој веќе го состави својот тим од тројца посебни советници, за чие ангажирање немало распишано конкурс. Хоџа ќе го советуваат Аднан Селмани и Дритан Рамадани, за кои Министерството не испрати биографии. Третиот, кој последен е одбран е Тони Николовски.
Целиот текст прочитајте го на irl.mk