
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повторно ги демантираше информациите дека официјална Анкара пренесува борци од Сирија со цел да учествуваат во конфликтот во Нагорно Карабах.
Американскиот „Волстрит журнал“ објави дека стотици сириски борци поврзани со Турција се вклучиле во борбите во Нагорно Карабах, а стотици сè уште се подготвуваат за тоа.
„Тие велат дека сме префрлиле борци од Сирија во Карабах. Нема таков проблем. Тие имаат работа на своја територија и нема зошто да одат во Нагорно Карабах“, им рекол Ердоган на турските пратеници.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, исто така, претходно изјави дека официјален Париз има информации дека борците од Сирија се префрлени во Карабах, со цел да учествуваат во борбите.
Состојбата во Нагорно Карабах
Ситуацијата во Нагорно Карабах ескалираше кон крајот на септември. Баку и Ереван се обвинуваат едни со други за избувнувањето на конфликтот. Во Ерменија е прогласена воена состојба и општа мобилизација, а во Азербејџан е воведен полициски час и делумна мобилизација.
Лидерите на Русија, САД и Франција ги повикаа Ереван и Азербејџан итно да ги прекинат конфликтите и да започнат преговори без предуслови. По состанокот на шефовите на дипломатиите на Ерменија и Азербејџан, со посредство на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, беше постигнат договор за прекин на огнот од хуманитарни причини. Примирјето е во сила пет дена, но не се почитува во целост.