Нови преправки на Уставот на Македонија, овојпат по ќеиф на Бугарија

Дали добрососедскиот договор со Бугарија ќе ги доведе во прашање и ќе ги одложи преговорите со ЕУ, или пак, повтроно власта во Македонија ќе тргне да го „затвора“ и ова прашање со уставни промени и потпишување на некој нов договор со кој ќе прифатиме дека македонската нација и македонскиот јазик немаат сопствена историја и корени.
Иако, непобитен факт е дека македонскиот јазик е кодифициран уште во 1946 година, а од 1977 година е на листата на ОН за јазиците во светот. А особено треба да се подвлече дека признавањето на посебноста на македонскиот јазик воопшто не зависи од некоја политичка одлука на Бугарија, и како таква тема треба и да се третира.

Во договорот со Бугарија, исто како и тој со Грција, Македонија е ставена во потчинета положба, бидејќи таа е единствената страна од која се бараат отстапки, односно условувања. А добрососедски односи не може да се развиваат врз база на еднострани отстапки на послабата пред посилната страна, а тоа не е ниту европска вредност кон којашто се стремиме.  И покрај негодувањата на јавноста, власта и двата договори ги нарече историски со кои се затвораат засекогаш спорните прашања со Бугарија и со Грција. Но, тоа засекогаш изгледа ќе почека.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа во интервју на „Канал 5“, посочи дека треба да се праша министерот за надворешни работи Бујар Османи дали неговата колешка од Бугарија Екатерина Захариева предложила да се потпише нов договор.

„Договор кој ќе биде сличен на Преспанскиот со уставни измени, каде ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму, а пред 1945 дека сме биле нешто друго. Еве да го прашаме дали ова е точно и дали е ова услов за понатамошно продолжување на преговорите“, рече Мицкоски.

Тој исто така рече дека претседателот на Владата, Зоран Заев во 2016 година им ветил на бугарски политичари дека „се ќе признае, само Бугарите да му дадат поддршка и да биде премиер“.

Османи не сакаше да ги коментира овие тврдења на лидерот на опозицијата, а досега за нив нема ни официјално соопштение од Владата.

Молкот од надлежните во јавноста само ја засилува веродостојноста во изјавата на Мицкоски дека Бугарија побарала нови уставни промени, како услов за продолжување на патот кон евроинтеграциите.

Власта, а пред сѐ премиерот Зоран Заев е должен да им ја каже вистинта на граѓаните, дали Захариева на средбата со Османи побарала уставни промени, по теркот на договорот со Грција, односно редефинирање на македонската нација и откажување од македонската историја.

Бугарските власти веќе со интензивен тон не пропуштаат да им порачаат на македонските колеги дека Македонија ќе мора да заборави на „македонско малцинство во Бугарија“ и на „македoнскиот јазик“ и да користи само „службен јазик на РСМ“, и ќе мора брзо да работи со комисијата за историски прашања ако сака да ги продолжи преговорите со ЕУ.

Додека соседите тоа го повторуваат со сериозен акцент, на македонската дипломатија и власт глас не и се слуша, и изгледа како да е подготвена на ист начин да го истурка решението на овие „не добрососедски напади“ на сличен начин како и со условувањата од Грција.