ВМРО-ДПМНЕ: Мерките на мафијата на власт доживуваат дебакл

Мерките и политиките на мафијата на власт доживуваат дебакл. Последен во низата промашени мерки е и мерката „Викенд без ДДВ“ кој е целосно промашување, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ во утринското соопштение.

Според партијата, наместо најавуваниот поврат на ДДВ од 17 милиони евра ќе се реализира само 1 милион евра, а тоа покажува дека мерката не била доволно добро обмислена и избрзана, но и дека народот нема доволно пари поради драстичниот пад на стандардот.

– Македонија со оваа мафија на власт тоне од ден во ден. Поради промашените политики Македонија имаше рекорден пад на економијата во вториот квартал од 12,7%, бројот на невработени се зголеми за над 40 илјади нови лица, а долгот за само три месеци се зголеми за една милијарда евра. Уште полоша е состојбата и на здравствен план во поглед на справувањето на државата со пандемијата. Македонија е црна точка, рекордер по смртност од коронавирусот. Секој ден бројките на заразени расте и веќе е очигледно дека е излезена од контрола – се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека власта на чело со Заев покажала колку е неспособна кога се работи за потребите и интересите на граѓаните, но истовремено организирана и агилна кога се работи за криминал, корупција и лично богатење.