Вработени во градинка во Делчево позитивни на ковид-19, 12 деца во изолација

Тројца вработени во детската градинка „Весели Цветови“ во Делчево и 12 деца се изолирани, откако кај дел од персоналот е регистрирано присуство на вирусот ковид-19.

Директорката на градинката Билјана Симовска вели дека станува збор за надворешни случаи, поради што се преземени сите мерки за спречување на ширење на заразата.

– Сакам да истакнам дека позитивните случаи кои што ги имаме во градинката, не доаѓаат од внатре. Значи тоа се надворешни случаи. Во меѓувреме излегоа наодите и на трите негувателки кои беа тестирани, останатиот персонал кој што беше тестиран меѓу кои и тројца вработени кои се исто така негативни. Сега за сега имаме еден готвач, еден помошник готвач, една негувателка и група од 12 дечиња, кои се изолирани – рече Симовска.

Симовска додаде дека работата на градинката продолжува, согласно сите протоколи кои ги налага ваквата ситуација.