Во Европа надминат прагот од 250.000 смртни случаи од корона

Европа, соочена со вториот бран на епидемијата, во неделата го надмина прагот од 250.000 смртни случаи од коронавирус. За една недела се забележани повеќе од 8.000 смртни случаи, што е најтежок неделен биланс од средината на мај.

Многу европски земји се обидуваат да се заштитат со воведување на посилни мерки за заштита.

За време на викендот, во Франција е регистриран рекорден број на пациенти со Ковид-19, а поради зголемувањето на бројот на пациенти, во саботата е воведен полициски час од 21 до 6 часот наутро, што ќе трае најмалку еден месец, пренесува БиБиСи и додава дека секој што ќе го прекрши, мора да има валидна причина за тоа или да плати казна од 135 евра.

Од понеделник, сите барови и ресторани во Белгија се затворени четири недели, а полицискиот час е во сила од полноќ до пет наутро. Исто така, воведена е забрана за продажба на алкохол по 20 часот.

Швајцарија воведе задолжително носење маски на сите затворени места, како и забрана за собирање повеќе од 15 лица на едно место.

Чешка сè уште не одлучила дали е потребен карантин, а таа земја во моментов е прва според бројот на заразани во Европа.

Денес во Ирска ќе бидат презентирани нови мерки, а се претпоставува дека ќе бидат затворени несуштинските продавници и компании.

Во Германија, канцеларката Ангела Меркел, поради зголемениот број на зарази, ги повика луѓето да останат дома и да избегнуваат патувања доколку е можно.

Исто така, во Италија, од денес, работата на барови и ресторани, како и на локални настани е ограничена.