Ако се исполнат и резервните болнички капацитети ќе има полициски час

Од денеска се сместени пациенти во модуларната болница до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, информира министерот за здравство Венко Филипче за Канал 5.

– Болничките капацитети забрзано се исполнуваат. Се преполнија некои болници. Нема слободни болнички кревети во повеќе инфективни одделенија во државата, во болницата во Куманово, Штип, Струмица. Почна да се полни одделението во Кавадарци и во Гостивар. Во Прилеп и Битола менаџираме помеѓу двата центри. Во Охрид добро се менаџира бројот на хоспитализации и тука имаме слободни болнички кревети. Од денеска се сместени пациенти во модуларната болница кај Инфективната клиника. Болничките капацитети се еден од главните параметри. Ако ние оцениме дека овие капацитети кои се димензионирани да бидат резерва се исполнуваат тогаш дефинитивно ќе препорачаме целосна рестрикција во движењето, односно полициски час – потенцираше министерот Филипче.

Тој истакна дека нашата земја ги следи препораките на Светската здравствена организација. Принципите на превенција насекаде во сите земји се истите. Никаде нема различни мерки и препораки. Има различен временски период и интензитет со кои тие се препорачуваат и импелентираат согласно епидемиолошката состојба.