Новите 280.000 платежни картички опасност за отворање нови кластери

Владата во четвртиот сет мерки планира да подели уште околу 280 илјади платежни картички, како за социјално-ранливите групи така и за 180 илјади пензионери кои земаат пензија под 15 илјади денари. Тоа ќе значи дополнителни метежи пред банките, со часови чекање пред вратите кој со маска кој без маска и на недоволно растојание еден од друг.

Граѓаните подучени од претходното искуство со државните картички кои се делеа по банките во текот на месец јули годинава, велат дека овој пат со плус 180 илјади пензионери ситуацијата ќе биде хаос. Тие велат Министерството за здравство слободно да отвори нов кластер на заразени од корона вирус и нека го нарече „Платежни картички”.

На ова предупреди и професорот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески кој за медиум изјави дека сега во услови кога во државата има уште поголема корона криза, со платежните картички кои ќе се доделуваат во банките граѓаните ќе се доведат во опасност да бидат заразени од Ковид-19.

На проблеми околу подигањето на претходните картички се жалеа жители на Тетово и Куманово кои на министерот за здравство Венко Филипче тогаш му испратија и фотографии на кои се гледа дека метежот во Тетово и Куманово бил поголем отколку во Скопје. Граѓаните очекуваат иста ситуација и овој пат, кога ќе се поделат новите државни картички.