(ВИДЕО и ФОТО) Грузиската полиција соопшти дека ослободила 43 заложници од банката

Полицијата ослободила 43 заложници од филијала на грузиската банка во западниот град Зугдиди, соопшто грузиското министерство за внатрешни работи ноќта кон четвртокот, без да даде поединости за самата операција.

„Специјалните оперативни и истражни мерки на самото место не се завршени и активно се водат. Уште еднаш апелираме за воздржување од ширење непотврдени информации кои можат да наштетат на операцијата. Во оваа фаза 43 заложници земени од страна на киднаперот се ослободени и полицијата ги префрли на безбедна локација. Истражните мерки продолжуваат на самото место“, се вели во соопштението на министерството за внатрешни работи на Грузија.

Вооружен маж во средата попладнето влетал во згрдата на филијала на „Грузиската банка“ во Зугдиди земајќи во заложништво вработени и коминтенти, барајќи 500.000 американски долари.

Специјалната операција траеше повеќе часови. Доцна ноќта локалните телевизии објавија дека полициската операција завршила и оти биле ослободени речиси сите заложници. Наскоро беа објавени видеоснимки на кои се гледа како осомничениот напаѓач кој држи рачна граната и уште три лица, веројатно преостанати заложници, го напуштаат објектот и влегуваат во полициско возило.

Според локалните медиуми, полицијата му ја предала на напаѓачот сумата што ја барал, и оти тој ќе биде префрлен до хеликоптер, што исто така бил дел од неговите барања.