Коронавирусот во Европа: Германија надмина 10.000 починати, рекорди во Чешка и Словачка

Германија во последните седум дена бележи повеќе од 50 случаи на коронавирусот на 100.000 жители а бројот на починатите надмина 10.000, соопшти Институтот „Роберт Кох“ во саботата во екот на сѐ погласните повици да се промени пристапот во времето кога бројот на заразените во Европа породолжува да расте.

Институтот „Роберт Кох“ потврди 14.714 нови случаи на зараза со коронавирусот, што е нов дневен рекорд во Германија, иако се верува дека саботната бројка би можела да биде преувеличена поради техничка грешка претходно седмицава.

Германија, со 83-милионско население, од почетокот на пандемијата забележа малку над 418.000 случаи на заразата, а вкупно до саботата над 10.000 смртни исходи, иако бројката варира од извор до извор но секаде е над овој параметар.

Заострените мерки веќе се воведени на локално ниво поради растот на бројот на заразените, вклучително и ограничувања за јавните собирања. Во Берлин, кој во моментов е едно од жариштата на вирусот, новите мерки стапија на сила во саботата. Маските мора да се носат во продавниците и на десетте особено фреквентни улици, во трговските центри и во редовите пред продавниците. Околу илјада полицајци ќе бидат распоредени во текот на викендот за да го контролираат спроведувањето на построгите правила.

Но сѐ погласни се повиците Германија да се врати на мерката на сеопфатни ограничувања, кои беа наметнати по избувнувањето на пандемијата.

 

Продолжува ширењето на заразата во Чешка

Ситуацијата не се поправа ниту во Чешка, која се соочува со најбрзото ширење на коронавирусот во Европа.

Во последните 24 часа во Чешка се регистрирани 15.252 случаи на коронавирусна инфекција, што е најголема бројка на дневно ниво.

Вкупниот број на случаи на заразата порасна на 238.323 во земјата со 10,7 милиони жители. Починале уште 126 луѓе, со што сега вкупниот број смртни исходи од почетокот на епидемијата изнесува 1.971.

 

Расте бројот на заразените и во Словачка

Словачкото министерство за здравство во саботата извести за 2.890 нови случаи на заразени во поледните 24 часа, што е досега највисока бројка во оваа земја која започна со експериментална програма на тестирање на SARS-CoV-2.

Словачка, која има 5,5 милиони жители, како и соседна Чешка одлично се справи со пролетниот бран од коронаинфекцијата, а со галопирачките бројки во есенскиот бран сега достигна вкупно 40.801 случај на заразата и 159 смртни случаи кои се поврзуваат со Covid-19.

Илјадници Словаци во најпогодените области на земјата стоеја во редови во петокот за да бидат тестирани, учествувајќи во пилот-програмата која може да биде применета на целата земја.

 

Тешко погодената Белгија има нов рекорд на заразите

Белгија во саботата потврди рекордни 15.432 нови случаи на заразата во последните 24 часа. Ова е третпат во последните две седмици земјата да поставува нов дневен рекорд на коронаинфекциите.

Од почетокот на епидемијата во март, во Белгија со 11,5 милиони жители досега се регистрирани 287.700 случаи на заразата и 10.658 смртни исходи.

Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (ECDC) извести во петокот дека Белгија има околу 1.020 нови инфекции на 100.000 жители во последните 14 дена. Со тоа, Белгија во моментов е најпогодената земја од пандемијата во Европа.

Поради тоа, владата нареди затворање на пабовите и рестораните во обидот да го контролира ширеењето на вирусот, заедно со воведувањето полициски час и ограничувањата за собири. Покрај тоа, сите кои можат работат од дома.