
Поранешниот пратеник и политичар, Амди Бајрам почина на 64 годишна возраст.
Веста за смртта ја потврдиле од неговата партија за Канал 5, од каде јавуваат дека тој починал во клиниката Жан Митрев по проблеми со срцето.
Бајрам имаше проблеми со срцето, а посмртно ќе му биде направен и тест за Ковид 19, за што му е земен брис.
Амди Бајрам е роден во Скопје на 30 август 1956 година и има завршено средно трговско училиште, а извесно време бил генерален директор на текстилното претпријатие „Шутекс“.
Бајрам во 1994 станал пратеник во Собранието на Република Македонија како член на Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), но до крајот на мандатот работел како независен пратеник.
Во 1996 ја основал СРМ и бил назначен за нејзин претседател. Во периодот 1994–1998 беше во коалиција со владејачкиот СДСМ, а за парламентарните избори во 1998 типуваше победа на премиерот Бранко Црвенковски со 102%.
Во периодот 1998–2002 ја поддржуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Љубчо Георгиевски. При гласањето доверба на владата на Георгиевски по барање на лидерот на опозицијата Црвенковски во декември 2000, владата опстоила поради гласот на Бајрам, по што тој изјавил дека им дал „гол со пета“ на СДСМ и дека неговата партија „секогаш е со власта“.