
Според хотелиерите, годинава летната туристичка сезона беше многу слаба, исполнетоста на капацитетите многу мала, а странски гости речиси и да немаше. Хотелиерите велат дека сето тоа не се должи само на строгите протоколи, туку на затворените граници и на слабата мобилност на населението воопшто низ цел свет.
-Исполнетоста на капацитети од домашни гости е намалена за 70 отсто, а од странски за 97 отсто кои речиси и да ги нема. Ние претежно работиме со странски гости, па затоа пандемијата многу се одрази на нашето работење. Последиците ќе ги трпиме многу подолго и во наредниот период, вели сопственик на еден хотел во Охрид и додава дека пандемијата го прекинала позитивниот тренд на странски туристи кои во последниве години често ја посетуваа државата.
Во Охридско-струшкиот регион хотелите во моментов работат со помалку од 10 отсто од капацитетите и не можат да ги покријат месечните трошоци за што е потребна исполнетост од над 30 проценти. Поради тоа голем дел од хотелиерите размислуваат да затворат до март.
„Интересот за претстој на домашни гости е многу мал, а поради затворените граници странски гости речиси и да нема. Поради состојбата со коронавирусот и ограничувањето на собири нема да има организирани новогодишни забави, а откажани се и неколку семинари. Со оглед на моменталната состојба поголем дел од хотелиерите размислуваат за затворање на капацитетите за декември, јануари и февруари и повторно отворање во март“, велат од ХОТАМ.
Кризата најмногу ги погоди градските хотели, кои се базираат на бизнис патувања, конгресен туризам, но и оние во туристичките центри. Поради мали приходи и големи загуби, досега работните места се намалени за околу 30 отсто, а и покрај помошта за плати од државата хотелиерите велат дека ќе има уште отпуштања во секторот.