
Премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил во вторникот објави дека го добил резултатот од тестот за Covid-19 и дека тој е негативен, откако ден претходно учествуваше на настан во Велес заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој подоцна потврди дека е позитивен на новиот коронавирус
„Многу е важно сите до еден да го чуваме сопственото здравје и здравјето на сите други околу нас. Со целосно почитување на мерките и препораките секој од нас може да даде придонес за јавното здравје.
Да носиме заштитни маски, да држиме физичка дистанца, да ги избегнуваме големите групни настани и на тој начин заеднички ќе ја добиеме битката со КОВИД-19“, порача Заев.
Синоќа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на фејсбук-профилот објави дека е позитивен, по што премиерот Заев најави дека ќе се тестира, иако, како што рече, немал директни контакти со него, и оти тие што ги остварил биле со почитување на сите заштитни мерки.