
Претседателот на спортскиот клуб Барселона, Жозеп Марија Бартомеу и извршниот одбор на каталонскиот спортски гигант поднесоа оставки на своите позиции по средбата во клупските простории во вторникот.
Главната причина за оставките е писмото на каталонската влада во коешто се дозволува одржување референдум за довербата на Бартомеу на 1-ви и 2-ри ноември на стадионот „Камп Ноу“.
Педесет и седумгодишниот Бартомеу дојде на чело на Барселона во 2014 година. Барселона минатата сезона не освои ниеден трофеј, што последен пат се има случено во 2008 година, и тоа беше една од причините да се бара оставка од Бартомеу.
Последните четири од дури пет претседатели на Барселона се повлекоа од позицијата пред истекот на мандатот, а единствено Жоан Лапорта го одработи целиот мандат.