
Граѓаните на Прага денеска излегоа на улиците за да го изразат своето незадоволство од мерките преземени за спречување на ширење на коронавирусот во Чешка, при што дојде до судир со полицијата која мораше да апси дел од демонстрантите.
Организаторите на демонстрациите наречени „Марш за слобода“ бараат од властите да ги разгледаат економските и социјалните последици од мерките против коронавирусот.
Според правилата донесени од чешката влада, собири на најмногу 500 лица се дозволени во Прага, а групите мора да бидат поделени на не повеќе од 20 лица. Исто така, сите мора да носат маски.
Властите во земјата одлучија да воведат седумдневен полициски час во земјата, од 21 до 5 часот наутро, од среда и дополнително да ја ограничат работата на продавниците за малопродажба.
Полицискиот час ќе биде во сила од 28 октомври до 3 ноември, од 21 до 5 часот наутро, изјави вчера министерот за здравство Роман Примула по состанокот на владата, наведувајќи дека во исклучоците спаѓаат службени патувања и неопходни семејни посети.
Продавниците за малопродажба, кои продолжуваат да работат според сегашните ограничувања, мораат да се затворат до 20 часот и во недела, со исклучок на бензинските пумпи и аптеките, пренесува „Ројтерс“. Воведени се построги мерки заради сериозно влошување на епидемиолошката состојба. Република Чешка објави викендот за 12.472 нови случаи на коронавирус, а 106 лица починаа како резултат на инфекција со ковид-19.
Според Светската здравствена организација, во Чешка се регистрирани 268.370 заразени лица, а починале 2.365 лица. Треба да се напомене дека во Чешка во последните 24 часа се регистрирани 15.663 нови случаи на коронавирус, што е највисок дневен биланс на новозаболени лица во таа земја.