
Со потврден позитивен тест, колега на прерано починатиот полицаец Игор Ангеловски, присуствувал на неговиот погреб, кој се одржа на градските гробишта во Раштани, кај Велес, тврдат за Батали.нет луѓе кои биле на погребот, но кои сакаат да останат аноними.
Според истите извори, колегата на починатиот имал решение за изолација поради неговиот позитивен тест, но и тоа не го спречило да дојде на погребот.
Велешкото јавно обвинителство ќе го истражува случајот со полицаецот од СВР Велес, кој го прекршил решението за изолација и со позитивен тест на коронавирус пред два дена присуствуваше на погребот на свој колега.
Од обвинителството за Батали.нет велат дека веќе се преземаат дејства, за да се утврдат фактите.
„Основното јавно обвинителство Велес оформи предмет по допрен глас врз основа на написите од медиумите кои се однесуваат на прекршување на Решение за изолација од страна на полициски службеник заради присуство на погреб. Веќе се преземаат соодветни дејствија за утврдување на фактите“, велат од Основното јавно обвинителство Велес.
Батали.нет дознава дека и внатрешната контрола во МВР испитува дали има основ за дисциплинска постапка против нивниот колега, но и против други полицајци од СВР Велес, кои во коментари на социјалните мрежи, наместо да го осудат, го поддржуваат прекршувањето на законот кое го сторил нивниот колега.