Караџовски порача дека во опција се сите мерки, па и целосно затворање на државата

Размислуваме за сите мерки, вклучувајќи локално, регионално, па дури и целосно затворање на државата, рече во вечерашните телевизиски гостувања претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Жарко Караџовски.

„Прво да видиме дали новите мерки кои се донесени ќе дадат резултати. Најлесно е да предложиме карантин на целата територија“, рече Караџовски „Трилинг“ на 24 вести.

Според Караџовски, лицата кои најчесто се заразуваат се на возраст меѓу 20 и 40 години и дека тие се оние кои го шират вирусот.

„Ова е опасно заразување, да не се занесуваме, сите сме во опасност, постарите генерации се поизложени, но може да почине и човек без хронично заболување“, предупреди Караџовски.

 „Само со доследно почитување на мерките може да се очекува намалување на бројот за заразени. Кога во април и мај се намали бројката на заразени, а здравствените власти ги намалуваа мерките, народот мислеше дека е готово, пандемијата заврши. Ние никогаш не сме рекле дека завршила пандемијата“, рече Караџовски на Канал 5.
Посочи повторно дека вирусот се избегнува со носење маска и одржување дистанца.

„Нашите капацитети се ограничени, нашите епидемиолози и инфектолози се ограничени, не можеме да измислиме нови. Затоа да се чуваме секој поединечно, а со тоа и колективно. Ќе ги повикам сите граѓани – чувајте не нас за ние да ве чуваме вас. Само така е можно да се справиме со вирусот. Не слушајте секого, има лекари, има комисија, има мерки…“, порача Караџовски.

Др Караџоски рече и дека доколку се затворат кафаните „луѓето ќе фрлаат со камења по нас“

„Затоа кој сака нека оди во кафана, но маски на отворено мора да се носат, за да се заштитиме и себе си и околината… Досегашните мерки се димензионирани слични на полициски час, но ако не се почитуваат и ако заклучиме дека е потребно, се може да се затвори како во март“, рече Караџовски.