Факторот ветерани за победи на Милан и Јуве, драма во Торино a Сасуоло на второто место

Триесет и петгодишниот португалски фудбалски ас Кристијано Роналдо враќањето на терените во неделата по закрепнувањето од заразата со коронавирусот го одбележа со два погодока во победата на Јувентус од 4:1 кај Специја, а четири години повозрасната шведска ѕвезда Златан Ибрахимовиќ уште еднаш имаше клучен придонес во серијата успеси на Милан со 2:1 кај Удинезе во шестото коло од италијанската Серија А.

Против новиот прволигаш Јувентус поведе со голот на Алваро Мората во 14 минута, кому и на овој меч му беше поништен погодок поради офсајд како и на мечот од Лигата на шампионите со Барселона претходно седмицава во Торино, кога поради недозволена позиција не му беше признат ниеден од дури трите погодока. Сепак, на полувремето се отиде со резултат 1:1, откако во 32 минута Томасо Побега го совлада Џанлуиџи Буфон.

Андреа Пирло почувствува дека силно му затресува тренерската позиција во „Старата дама“ по серијата неуспеси во домашното првенство, па во игра по одморот го внесе нестрпливиот Кристијано Роналдо кој докажа дека на шампионско ниво го подигнува нивото на игра на тимот.

Иако Специја подобро го отвори вториот дел, Јувентус стаса до нова предност, кога во 59 минута Мората со одлична топка го послужи Роналдо кој го мина и домашниот голман и ја затресе мрежата. На 3:1 по убава акција во 68 минута зголеми Адриан Рабио, а конечните 4:1 ги постави Роналдо кога со „Паненка“ го реализираше досудениот пенал.

Со оваа победа Јувентус дојде до третото место со 12 бодови, колку што има и четвртопласираната Аталанта, а четири бодови зад водечкиот Милан. Специја, пак, е 16-та со пет бодови.

Во првиот неделен натпревар Милан впиша нова победа во италијанското првенство по тешко изборената победа на гостувањето кај Удинезе со 2:1, во натпреварот во кој повторно одлична партија пружи шведскиот ветеран Златан Ибарахимовиќ.

Милан поведе во 18 минута, по асистенцијата на Ибрахимовиќ кој мајсторски смири долго додавање во противничкиот шеснаесетник а потоа додаде повратна топка за Франк Кесие кој ја затресе мрежата на Удинезе. Домашните израмнија од пенал кој во 48 минута го реализираше Родриго Де Пол. Но во 83 минута на сцена стапи повторно шведскиот интернационалец, откако Анте Ребиќ кој по подолго отсуство се врати на терените и во игра влезе десетина минути претходно остро нафрли во противничкиот петерец, а Ибрахимовиќ со акробатски изведен удар му ги донесе трите бода на Милан.

Милан со петтата победа во шесте кола се зацврсти на првото место на Серија А со 16 бодови, а Удинезе е 19-ти со само три бода.

Најпријатното изненадување од почетокот на сезоната, тимот на Сасуоло одигра уште еден натпревар за клупската историја откако со 2:0 го совлада на гости фаворитот Наполи, за кој не настапи македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас од чиј стадион и многу позвучни имиња тешко извлекуваат бодови.

Успехот на Сасуоло згора е уште позначаен поради тоа што во Неапол дојде без своите тројца напаѓачи од првата постава Бернарди, Капуто и Ѓуричиќ. Гостите поведоа во 59 минута од пеналот кој го реализираше Мануел Локатели. Наполи и во продолжението доминираше и создаваше опасни прилики пред противничкиот гол, но дупките кои ги оставаше таквата игра во одбраната Максим Лопез го искористи во петтата минута од судиското продолжение да стави точка на успехот на Сасуоло.

Сасуоло со оваа победа скокна на второто место на табелата со 14 бодови, два помалку од водечкиот Милан, и два повеќе од Јувентус и Аталанта. Наполи, кому претходно сезонава беше казнет со административен пораз од 0:3 и одземањето на бод поради непојавувањето на теренот на гостувањето кај Јувентус, спротивно на протоколите на Серија А иако имаше коронаинфицирани играчи, сега е петти на табелата со 11 бодови.

Рома на својот „Олимпико“ без поголеми проблеми ја совлада Фиорентина. Стрелци за домашните беа Леонардо Спинацола во 12 и Педро Родригез во 70 минута, а кај гостите во 88 минута „поцрвене“ Лукас Мартинез Кварта.

Рома е седма со 11 бодови, а Фиорентина остана 11-та со седум бодови.

Извонредно драматичен натпревар беше одигран во Торино каде Лацио со два погодока во судиското надополнување стаса до пресврт и победа од 4:3 против истоимениот домашен клуб.

Во првото полувреме Лацио, чиј тим беше во карантин поради појава на случаи на коронавирус, поведе во 15 минута преку Андреас Переира, а веќе во 19 минута Торино израмни со голот на Глејсон Бремера а успеа и да поведе во 25 минтуа кога Андреа Балоти реализираше најстрога казна. Повторно на самиот почеток од полувремето, во 48 минута Сергеј Милинковиќ-Савиќ со одлично изведен слободен удар го израмни резултатот. Следуваше период на израмнета игра во кој резулатот не се менуваше сѐ до 87 минута кога Саша Лукиќ во ново водство го донесе Торино искористувајќи ја грешката на Хоед, а следеа пеколните дури девет минути судиско продолжение во кое прво во петтата минута со интервенција на ВАР-от Лацио доби пенал поради играње со рака на Н’Колу кој го реализираше Чиро Имобиле. И кога се очекуваше последниот свиреж на судијата во осмата минта од судиското продолжение Фелипе Каиседо ја искористи трапавоста на домашната одбрана и низ нозете на искусниот голман Сиригу погоди за победа на Лацио.

Седмиот Лацио сега има 10 бодови и е на осмата позиција, додека Торино со само еден бод е претпоследен 19-ти.

Во градското дерби Сампдорија и Џенова на македонскиот репрезентативен капитен Горан Пандев одиграа мирољубиво 1:1. Сампдорија поведе во 23 минута преку Јакуб Јанкто а само пет минути подоцна Џенова израмни со погодокот на Џанлука Скамака.

Самдорија со 10 бодови моментално е осма на табелата, додека Џенова со пет бодови е 15-та и повторно е во групата екипи за кои се смета дека до крајот ќе се борат за останување во Серија А.

Последниот меч од колото се игра во понеделник со почеток од 20,45 часот а се среќаваат Верона и Беневенто.