
Нивото на закана од тероризам во Велика Британија е подигнато на „сериозно“, објави во четвртокот министерството за внатрешни работи.
Подигнувањето на нивото на можност од терористички напад во земјата доаѓа ден откако напаѓач во Виена, следбеник на џихадистичката организација Исламска држава, уби четири лица, а по низата смртоносни напади со исламистичка заднина во Франција изминатите десет дена.
„Станува збор за мерка на предострожност и не се темели на некоја конкретна закана“, нашиша на Twitter британската министерка за внатрешни работи, Прити Сушил Пател.
„Британската јавност не мора да се сомнева дека најсилно ќе дејствуваме за да ја заштитиме нашата национална безбедност“, додава Пател без директно да го спомене терористичкиот напад во австриската престолнина.
Новото ниво на закана според класификацијата на британските власти значи дека напад е „многу веројатен“. Пред ова, нивото беше „значително“, што значи дека напад е „веројатен“.
Нивото на закана го одредува владиното тело за анализа на тероризмот JTAC, кое е одговорно пред разузнавачката служба МI5 и е составена од претставници на 16 владини оддели и агенции.